Справувањето со неформалното вработување и соодветната заштита на работниците се предизвик и на глобално ниво, но и кај нас и бара меѓуинституционален и координиран пристап на сите надлежни институции, како и размена на информации и соработка со социјалните партнери и граѓанските организации.
Државниот инспекторат за труд е еден од главните чинители во процесот на сузбивањето на неформалната работа.
ДИТ врз основа на континуирана анализа на спроведените надзори на терен и анализа на изготвените извештаи ги разработува и подобрува алатките за справување и сузбивање на неформалната работа.
Врз основа на овие анализи ДИТ ја следи усогласеноста на правните субјекти со законската регулатива и ги насочува своите ресурси во вршење на инспекциските надзори кај оние работодавачи во дејностите каде што е утврдена најниска усогласеност со законската регулатива и дејности кои во најголем број на случаеви се појавуваат како најчести прекршители на одредбите од трудовото законодавство, истакнав на денешната промоција на кампањата
“За да имаш подобар персонал – грижи се подобро за персоналот”, насочена кон справување со непријавена работа.