Денес и утре (2-3.12.2021) во работна посета на Државниот инспекторат за труд, се претставници на Директоратот за безбедност и здравје при работа при Министерството за економски развој на Црна Гора. Првиот ден од посетата  се оствари средба на која присуствуваше директорката на инспекторатот, државниот советник и генерален инспектор за креирање на политики од областа на безбедност и здравје при работа, раководителот (главен инспектор) и помошник раководителот (помошник главен инспектор) на секторот за инспекциски надзор од областа на БЗР.
На средбата се разменија искуства и пракси од двете земји во делот на имплементацијата на  стратешките документи, законодавството и искуства од инспекцискиот надзор во делот на безбедност и здравје при работа. Акцент беше даден на искуствата од Црна Гора во процесот на преговорите со Европската Унија и усогласувањето на домашното законодавство со Европските директиви. Во Република Северна Македонија во процес е подготовка на нов Закон за безбедност и здравје при работа, и искуствата од креаторите на законот во Црна Гора, кој е усогласен со европските стандарди е од огромно значење.
Состојбата со инспекциските служби, јакнењето на капацитетите на инспекторите, континуираната едукација и соработката со здрженијата од областа на безбедност  и здравје при работа исто така беа прашања на кои беа разменети добри пракси и искуства.
Соработката со земјите во регионот е еден важен сегмент во работата на Државниот инспекторат за труд преку која учиме взаемно едни од други од нашите искуства и споделуваме позитивни пракси и примери.
Во текот на посетата ќе се реализираат состаноци со претставници на Министерството за труд и социјална политика, со претставници на Националниот Совет за безбедност и здравје при работа и здруженија кои работат на оваа проблематика.