Во текот на работна недела од 22.11. до 26.11.2021 година, Државните инспектори за труд од областа на работните односи извршија вкупно 290 инспекциски надзори на целата територија на Република Северна Македонија.

Од вкупниот број на надзори извршени се 52 редовни надзори, 190 вонредни надзори и 48 контролни инспекциски надзори за утврдување дали работодавачите постапиле по инспекциските мерки по истекот на рокот од издадените решенија. 

Во овој извештаен период, издадени се 43 решенија со опомена за утврдени неправилности и недостатоци  по различни основи од Законот за работни односи и издадени се 6 решенија со наредба за непостапување по решението со опомена.

Издадени се 6 прекршочни платни налози за сторен прекршок и утврдена глоба во истите во зависност од големината на правниот субјект и 5 барања за поведување на прекршочна постапка.

Во периодот од 22.11. до 26.11.2021 год., државните инспектори за труд од областа на безбедност и здравје при работа извршиле вкупно 227 инспекциски надзори.

Извршени беа 73 редовни инспекциски надзори кои опфаќаа надзор врз спроведување на повеќе закони за кои е надлежна оваа инспекциска служба како Законот за безбедност и здравје при работа, Законот за заштита од пушење и Законот за заштита на населението од заразни болести. Исто така беа извршени 102 вонредни инспекциски надзори од кои 31  по известувања за несреќи на работа – повреди при работа кои предизвикуваат отсуство на работниците повеќе од 3 дена, колективни повреди и повреди со смртни последици, 1 по претставкa од Синдикат  и 69 контролни инспекциски надзори по истекот на рокот од изречените инспекциски мерки.

Во овој извештаен период, изречени беа  вкупно 63 решенија со опомена или наредба за отстранување на утврдените неправилности и недостатоци од областа на безбедност и здравје при работа, недостатоци согласно Законот за заштита од пушењето, но и за утврдени недостатоци-неспроведени мерки за спречување на ширењето на Ковид-19.

На 2 работодавачи и нивните одговорни лица им биле врачени прекршочни платни налози за изречена глоба. На првиот работодавач му биле врачени платни налози со вкупно изречена глоба во износ од 1.300 евра во денарска противвредност  заради тоа што на повредниот работник му дозволиле пристап на работно место со сериозна опасност по неговиот живот и здравје, без претходно да му дадат посебни упатства за безбедност при работа. На вториот работодавач му биле врачени платни налози со вкупно изречена глоба во износ од 2.400 евра во денарска противвредност  од истата причина од претходниот случај, но и заради тоа што за повредениот работник не бил обезбеден здравствен преглед во здравствена установа од областа на медицина на трудот со кој ќе се потврди дали повредениот работник бил здравствено способен да ги извршува своите работни задачи. На 2 работодавачи им се поднесени 2 кривични пријави за непревземени мерки од областа на безбедност и здравје при работа за кои последици  биле повреди со смртни последици на работници ангажирани од нивна страна.

По Законот за заштита на населението од заразни болести, заради не носење на заштитни маски од страна на вработени во затворен простор, што е спротивно на мерките, одлуките и протоколите кои ги донесе Владата на предлог од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, како превентивни препораки и соодветни наменски протоколи за спречување на ширењето на заразната болест Ковид-19, врачени беа 2 прекршочни платни налози со поединечна вредност на глобата од 20 евра во денарска противвредност.