Во текот на изминатата работна недела од 15.11. до 19.11.2021 година, државните инспектори за труд од областа на работните односи извршија вкупно 344 инспекциски надзори на целата територија на Република Северна Македонија.

Од вкупниот број на надзори извршени се 88 редовни надзори, 202 вонредни надзори и 54 контролни инспекциски надзори за утврдување на дали работодавачите постапиле  по истекот на рокот од издадените решенија. 

Во овој извештаен период, издадени се 44 решение со опомена за утврдени неправилности и недостатоци  по различни основи од Законот за работни односи и издадени се 7 решенија со наредба за непостапување по решението со опомена.

Издадени се 10 прекршочни платни налози за сторен прекршок и утврдена глоба во истите во зависност од големината на правниот субјект.

Во периодот од 15.11. до 19.11.2021 год., државните инспектори за труд од областа на безбедност и здравје при работа извршија вкупно 230 инспекциски надзори.

Извршени беа 79 редовни инспекциски надзори кои опфаќаа надзор врз спроведување на повеќе закони за кои е надлежна оваа инспекциска служба како Законот за безбедност и здравје при работа, Законот за заштита од пушење и Законот за заштита на населението од заразни болести. Исто така беа извршени 143 вонредни инспекциски надзори од кои 27  по известувања за несреќи на работа, 5 по претставки од вработени, граѓани, разни институции, здруженија, организации, 10 по Законот за заштита од пушењето и 87 контролни инспекциски надзори по истекот на рокот од изречените инспекциски мерки.

Во овој извештаен период, изречени беа  вкупно 63 решенија со опомена или наредба за отстранување на утврдените неправилности и недостатоци од областа на безбедност и здравје при работа, недостатоци согласно Законот за заштита од пушењето, но и за утврдени недостатоци-неспроведени мерки за спречување на ширењето на Ковид-19.

По Законот за заштита на населението од заразни болести, заради не носење на заштитни маски од страна на вработени во затворен простор, што е спротивно на мерките, одлуките и протоколите кои ги донесе Владата на предлог од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, како превентивни препораки и соодветни наменски протоколи за спречување на ширењето на заразната болест Ковид-19, врачен беше 1 прекршочен платен налог со  вредност на глобата од 20 евра во денарска противвредност.