Денес, директорката Тренчевска учествуваше на Конференција по повод Светскиот ден на пристојна работа, 7 октомври во организација на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) која во своето обраќање ги истакна заложбите на Владата на Република Северна Македонија, а со тоа и заложбите на Државниот инспекторат за труд во насока на обезбедување на пристојна работа се насочени кон креирање политики и надзор над спроведувањето и примената на оние политики од страна на правните субјекти со кои се гарантираат можности за работа која е продуктивна, обезбедување фер приходи, сигурност на работно место, подобри можности за личен развој, социјална интеграција и еднаков третман на жените и мажите.

“Спроведувањето на законодавството каде се регулирани овие услови за работниците, односно обезбедување на услови за пристојна работа, за нас како инспекциски служба и за мене како директорка се приоритет во нашето постапување.  Нашата силна заложба како Инспекторат, е работниците да имаат сигурна работа во безбедни услови за нивното здравје и работа која ќе им овозможи редовен загарантиран приход. “

На конференцијата, во свое обраќање директорката Тренчевска посочи за важноста на зачестените инспекциски надзори кој доведоа до поголема одговорност кај работодавачите во почитувањето на законските одредби. Контролите имаа исто така превентивен ефект, што може да се констатира и од намалениот број на утврдени неправилности при инспекциските надзори.

“Овој месец започнуваме со примена на софтверот Е инспектор со кој значително ќе се унапреди транспарентноста на инспекциските надзори и работата на инспекторите, ќе се намали субјективноста во постапката од страна на инспекторот а со тоа и можноста од било какво незаконско однесување или постапување на инспекторот за време на надзорот. Ќе има електронски увид за сите извршени надзори на дневно ниво, кај кој правен субјект се врши надзор за секој инспектор поединечно и какво решение има донесено. Октомври до декември 2021 година ќе биде тест период во кој ќе бидат вклучени вонредните надзори, а од 1 јануари 2022 година сите инспекциски надзори (редовни, вонредни и контролни) ќе бидат спроведувани исклучиво преку софтверот Е инспектор”, истакна директорката Тренчевска.