Државниот инспекторат за труд по зачестените јавувања на  граѓани околу мерката за ослободувањето од работа на бремените жени укажува дека согласно владина одлука, објавена во Службен весник, бремените жени се ослободуваат од работа и работни обврски со физичко присуство на работното место, до завршување на Пандемијата со КОВИД-19, прогласена од Светската здравствена организација.

Содржината на мерките е регулирана со членот 13, точка 11 и членот 16 од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест КОВИД-19, предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена, објавена во Службен весник на 04.11.2020 година.

Отсуството од работа и работни обврски со физичко присуство бремените жени кај работодавачот го оправдуваат со приложување на потврда од матичен гинеколог.

Заштитата на бремените работнички ги опфаќа сите, без разлика дали се во приватниот или државниот, односно јавниот сектор. Мерката треба да ја почитуваат сите работодавачи, без исклучок, дури и ако работничката даде согласност за одење на работа, бидејќи доколку дојде до несакани последици поради непочитувањето на мерката, одговорноста ќе биде на работодавачот.

Секое непочитување на оваа мерка од страна на работодавачите, ќе биде санкционирано согласно закон.

Ги известуваме сите граѓани дека на веб страната на Државниот инспекторат за труд  www.dit.gov.mk можат да пријават неправилности и непочитување на мерките за заштита од Корона вирусот донесени од Владата.

Оваа соопштение го објавуваме по изразениот интерес околу обврската за работа и работни обврски со физичко присуство на работното место, на бремените жени.​