Во периодот од четврток (29.07.2021 год.) до недела (01.08.2021 год.), по информација од Управата за хидрометереолошки работи на Република Северна Македонија, ќе настапи топлотен бран – портокалова фаза на целата територија на нашата држава.

Во овој период, Државниот инспекторат за труд ќе врши засилени контроли кај работодавачи кои вршат дејност на отворен простор во неповолни микроклиматски услови зафатени од топлотен бран (градежништво,земјоделие, трговија на отворен простор, транспорт и др.), како и кај работодавачи каде се врши дејност во затворен простор, а работниците се изложени на топлинско зрачење.

Согласно Законот за безбедност и здравје при работа, работодавачот е должен да обезбеди соодветни услови на работа кои нема да го загрозат животот и здравјето на работниците.

Со проценка на ризик се утврдуваат работни места на кои работникот може да биде изложен на високи температури и/или топлинско зрачење односно неповолни микроклиматски услови и се утврдуваат мерки кои работодавецот треба да ги превземе за намалување на ризикот на најмала можна мерка.

Препораките на Владата на Република Северна Македонија во услови на топлотен бран – портокалова фаза се:

– да ги прекинат активностите кои се одвиваат на отворен простор со директна изложеност на работниците на топлотниот бран (сонце),

– реорганизација на работното време (порано сабајле и прекинување на активностите во периодот од 11 до 17 часот, како и продолжување на активностите по 17 часот),

– редуцирање на тешката физичка работа,

– почести паузи во текот на работењето,

– обезбедување на работниците со течности (најдобро вода),

– обезбедување на засолништа под сенка,

– обезбедување на работниците со лична заштитна опрема за заштита од изложеност на сонце и др.

Прекршочните санкции за работодавачите кои не ја почитуваат изречената мерка – забрана за работа во периодот од 11 до 17 часот изнесува од 500-4000 евра во денарска противвредност, а за одговорното лице во правното лице од 300-500 евра во денарска противвредност. ​