Директорката на Државниот трудов инспекторат денес присуствуваше и се обрати на промовирањето на Националната платформа за женско претприемништво и ја потпиша Декларацијата со заложби за унапредување на условите за женско претприемништво.

Носители на платформата се Здружението на бизнис жени, Сојуз на стопански комори на Македонија, Националната федерација на фармери и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување МИР.

Во обраќањето директорката Тренчевска истакна дека во последните неколку години креаторите на политиките навистина посветено работат на унапредувањето на родовата еднаквост. Родовата еднаквост се врати како приоритет во агендата на Владата и на локалните самоуправи. Се донесоа значајни стратешки документи, беше унапредена законската регулатива, се донесоа конкретни мерки, но и за прв пат родовата еднаквост е јасно и видливо препознаена и  посебно третирана како прашање, во Програмата на Владата.

Економското зајакнување на жените е од суштинско значење за да се постигне родова еднаквост, инклузивен социјален развој, просперитет и стабилност. Настојувањата за економско зајакнување на жените се обиди не само да се покаже нивото на демократизација на општеството, туку пред сè да се насочи земјата кон поправеден и подобар економски развој.

Тоа е зајакнување на општеството во целост, инвестиција во иднината и гаранција за просперитет на земјата. Инвестициите во жени се инвестиции во визијата на земјата!

Кога зборуваме за економско зајакнување на жените, всушност ние зборуваме за економските права на жените, вклучувајќи еднаков пристап до сопственост, имотот, до ресурсите, вклучувајќи финансии и градење на капацитети и пристап на еднаква основа како и мажите,  пристап до пристојна работа и целосно и продуктивно вработување; нивна економска независност или целосна способност слободно да ја наметнат својата автономија и да ги практикуваат своите избори.

Институциите во земјата мора да сторат повеќе за да помогнат во развојот на малите и средни бизниси, водени од жени претприемачки. Мора да се одвојуваат повеќе финансиски средства за поддршка на жените претприемачки. Пристапот до грантови, субвенции, кредити мора да биде олеснет за жените кои имат сопствени бизниси.

Да се биде успешна жена во бизнисот значи да верувате во себе и да верувате на вашиот инстинкт. Постојат луѓе кои ќе се сомневаат во вас и вашата способност да успеете во деловниот свет, само затоа што сте жена. Понекогаш, за да бидете успешни, мора да работите повеќе и многу понапорно за разлика од мажите. Но на крајот од денот, секој труд и посветеноста даваат резултат и ќе бидат препознаени и наградени.

Посакувајќи им успеси во развојот и проширувањето на деловните активности на жените претприемачки, директорката Тренчевска истакна дека тие треба да бидат пример за сите жени и девојки кои посакуваат да станат претприемачки.​