Денес, во просториите на Државниот инспекторат за труд беше одржан состанок со претставници на Ромската асоцијација за жени и млади „Лулуди“ во рамки на проектот „Сите заедно во спречување на трговијата со деца и девојки“ поддржан од Европска Унија и Совет на Европа.

Целта на проектот е подигнување на јавната свест за превенција од трговија со деца и млади во различните форми на трудова експлоатација.

Државниот инспекторат за труд беше застапуван од Г-н Амир Имери, Раководител по работни односи и член на Националната комисија за борба против трговија со луѓе, кој истакна дека инспекторатот веќе подолг период се занимава со темата -Трговија со луѓе со цел трудова експлоатација, поточно детектирање и идентификување на жртвите, односно потенцијалните жртви на трговија со луѓе и известување до надлежните органи.

 

Исто така потенцираше дека Државниот инспекторат за труд соработува и ќе продолжи да соработува со сите релевантни институции, како и со невладиниот сектор, сè со цел да се намали нивото на застапеност на овој вид на криминалитет, кој е резултат пред сè на лошата економско-финансиска состојба во нашата држава, социјалната положба на одредени категории на лица, како и неинформираноста за тоа кој сè може да биде жртва на трговија со луѓе, како да се заштити и каде да се обрати доколку се сомнева или е жртва на трговија со луѓе за трудова експлоатација .

Претставниците на Ромската асоцијација за жени и млади „Лулуди“ беа информирани за улогата на инспекторите на труд при идентификување на случај со трговија со луѓе за трудова експлоатација и понатамошната постапка до релевантните институции.

По одржаниот состанок беше постигнат заеднички заклучок дека само со заедничка борба против ова кривично дело, ќе бидат спасени многу човечки животи, надежта на младите лица, а со тоа и нашата иднина.