Засилените инспекциски надзори во услови на топлотен бран(портокалова фаза) го постигнаа очекуваниот ефект!

Во периодот од 29.07. до 06.08.2021 год. на целата територија на Република Северна Македонија беше прогласена портокалова фаза. Во тој временски интервал, активностите на Државниот инспекторат за труд беа насочени во контрола над спроведувањето на препораките на Владата во услови на тополотен бран (прекинување на активностите за дејности кои вршат работи на отворено од 11 до 17 часот, реорганизација на работното време, почести паузи, обезбедување засолништа од директна изложеност на сонце, обезбедување течности и лична заштитна опрема на вработените за заштита од сонце и др.).

Инспекторите за труд во овој период извршија вкупно 190 инспекциски надзори претежно во дејноста градежништво, а исто така и во дејностите производство и транспорт.

Во надзорите кои беа извршени до 11 часот, на работодавачите им се укажуваше на препораките и им се дава решенија со наредба да се придржуваат кон препораките на Владата, а во надзорите кои беа извршени по 11 часот, на сите затекнати работодавачи кои работат на отворено им се даваа решенија со забрана за работа во временски интервал од 11 до 17 часот. Во периодот на траење на портокаловата фаза беа издадени 39 решенија со наредба и 16 решенија за забрана за работа. На работодавачите на кои им беше дадено решение или забрана, во периодот од 11 до 17 часот, им беше направен контролен надзор. Беа извршени вкупно 31 контролен надзор, при што беше констатирано дека работодавачите ги почитуваат решенијата или забраните изречени од страна на инспекторите.