Директорката на Државниот инспекторат за труд и претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, денес потпишаа Меморандумот за соработка, кој има за цел унапредување на заедничките заложби, во насока на зголемување на ефикасноста и соработката во остварувањето, заштитата и унапредувањето на работничките права, а особено за обезбедување директна правна заштита при пријавување прекршени работнички права, преку користење на новата мобилна апликација на ССМ– “Мои работнички права“.

Во време на глобална криза, која не го одминува и нашето општество, уште повеќе сме посветени да ја исполниме основната дејност и обврска за која постоиме, и да бидеме во служба на граѓаните и заштита на работничките права. Свесни сме дека во услови на пандемијата од Ковид 19, дел од работодавачите и работниците се најдоа во тешка ситуација, за што од особено значење е преку отворената соработката и поддршката со социјалните партнери да им помогнеме да се надминат ваквите состојби, согласно нашите надлежности истакна директорката Тренчевска, на прес конференцијата која беше организирана по повод потпишувањето на Меморандумот.

За таа цел, Државниот инспекторат за труд во соработка со Сојузот на Синдикати на Македонија, подржани од страна на Меѓународната организација за труд и Европската унија, изминатиот период учествуваа во креирање на апликација преку која граѓаните на брз и едноставен начин, преку своите мобилни телефони ќе добијат директна информација за своите права, и можност за пријавување случаи кога се прекршуваат законите. Мобилна апликација која денес се промовира ќе биде дополнителна помошна алатка на граѓаните да пријавуваат повреда на некое нивно право од работен однос или безбедност и здравје при работа.
Новата мобилна апликација: ССМ – Мои работнички права достапна за Android и iOS може да се преземе на следните линкови Google Play Store и App Store.
Директорката Тренчевска и претседателот Димовски ги охрабруваат работниците да ја користат оваа мобилна апликација заради заштита на нивните права