Без разлика какви постапки ќе преземат Генералниот секретаријат на Владата и Јавното обвинителство, институција која треба и планира да ги натера газдите неплаќачи да се раздолжат кон работниците и да им ги исплатат нивните плати, е Државниот трудов инспекторат.

Директорот на Трудовата инспекција, Аљајдин Хавзиу, за Фактор вели дека независно како овој случај ќе го тераат Генералниот секретаријат и Обвинителството, Државниот инспекторат ќе прати инспектори во сите фирми што не исплатиле плата на работниците, и токму тие ќе бидат оние кои се напрвата линија што треба да ги натераат работодавачите да се раздолжат кон своите вработени.

Хавзиу вели дека всушност трудовите инспектори ги „ловат“ не само фирмите што добиле државни субвенции, туку и оние кои не зеле државна помош, а не им ја исплатиле платата на работниците.

„Согласно законските прописи, за неисплатените плати во секој случај е надлежен Трудовиот инспекторат. Дали по претставка од вработените, дали во редовна или во вонредна контрола, надзорот за неисплатените плати е наша работа. Ако констатираме дека работодавачот не исплатил плата, или доколку исплатил под минималната плата, тогаш нашиот инспектор нему му дава решение со законски рок, кој обично се движи од 15 дена до еден месец, во кој газдата треба или да ја исплати платата, или да ја исплати разликата до минималната плата од 14.500 денари. А законскиот рок се одредува од 15 дена до еден месец, во зависност од тоа за каква фирма се работи, со какви тешкотии таа се соочува, дали и колку е погодена од кризата, и слично. Ако и во тој рок работодавачот не ја исплати платата, тогаш инспекторот му дава платен налог, за исплата на казната, која е одредена на 3.000 евра за фирмата, плус 30 отсто за одговорното лице. Всушност, ние ја одмеруваме казната, според формула која зависи од бројот на вработени и завршната сметка. И ако газдата и во рок од осум дена не плати и не ја плати казната, инспекторот поведува прекршочна постапка, и тука завршува нашата работа“, објаснува за Фактор Хавзиу, прв човек на Државниот трудов инспектрат.

Според него, после ова предметот оди на Комисија во Министерството за труд и социјална политика, и ако таа Комисија го потврди наодот на инспекторатот, работодавачот се казнува, но во тој случај тој ја добива највисоката казна, односно 3.000 евра плус 30 отсто за одговорното лице, и во тој случај нема одмерување на казната. По ова работодавачот може да се жали и на второстепената комисија.

Кога станува збор за газдите кои добија државни субвенции, а не исплатија плати, како што објаснува Хавзиу, Владата и УЈП за нив водат постапки по основ на злоупотреба на државна помош, и тие таа ппстапка ќе си ја тераат понатаму и ќе одлучат какви мерки ќе бидат преземени.

„Независно од нив, нашите инспектори во сите тие компании ќе одат во надзор и ќе ги задолжат газдите да им ги исплатат платите на работниците. Но, тоа ќе го направиме кога ќе ги добиеме податоците, односно списокот со фирми од Управата за јавни приходи, која треба да ги достави до Државниот трудов инспекторат по службена должност, без разлика што имињата на тие фирми веќе се јавно објавени од страна на Владата“, објаснува за Фактор Хавзиу.

СЕКОЈДНЕВНИ ПОВИЦИ ОД РАБОТНИЦИ ЗА НЕИСПЛАТЕНА ПЛАТА

Според него, во овој период, не само Трудовиот, туку и сите други инспекторати во земјава правеа вонредни надзори, и за тоа преку прес конференции ја известуваа јавноста.

Хавзиу нагласува дека откако почна корона кризата, значително е зголемен бројот на повисици и претставки од работниците дека не им е исплатена платата, во однос на истиот овој период од минатата година.

„Секојдневно добиваме повици од работници кои имаат вакви проблеми, односно не им е исплатена платата, без разлика дали станува збор за субвенционирани компании, или такви кои не добиле државна помош. За нас како Трудов инспекторат воопшто не е битно дали фирмата добила субвенции или не, туку ако работниците се жалат, ние одма делуваме со опомени, платен налог, а ако не и со прекршочна постапка“, објаснува Хавзиу.

Досега од Генералниот секретаријат на Влада не се консултирале со Државниот трудов инспекторат какви мерки да се преземат против газдите неплачачи кои добија државна помош, а не исплатија плати. Зошто е тоа така, трудовите инспектори немаат сознанија.

КАКО СПИСОКОТ ДОЈДЕ ДО 287 КОМПАНИИ

А како што е познато, списокот до петокот минатата недела се сведе на 344 компании, од првичниот кој броеше 708 фирми, според одговорите што тогаш ги добивме од УЈП. Сега, според владиниот список објавен на владината веб страница, тој се намали до 287 компании, без да биде јасно како тоа се случи.

Владата првично најавуваше дека ќе поднесе кривични пријави до Обвинителството против компаниите што нема да се раздолжат и покрај последните дадени рокови. Сепак, во последниот нејзин одговор до Фактор се дава линкот до списокот фирми, и се наведува дека се прават проверки меѓу надлежните институции, по што ќе се утврдува одговорност.

Еве што ни одговорија од Владата.

„Во прилог е линкот (https://vlada.mk/node/22217) со ажурирани податоци за компаниите кои не ја исполниле обврската за исплата на платите за вработените, согласно обврската што произлегува од Уредбата за финансиска поддршка за исплата на платите за вработените на Владата. Се прават проверки и консултации меѓу надлежните институции, по што ќе следуваат идните чекори за утврдување одговорност“, изјавија вчера за Фактор од Владата.

Но, ако се погледне овој линк, ќе се види дека за април уште не исплатиле 127 фирми, а за мај плата не дале 160 компании, или вкупно тоа се 287 фирми.

Тоа значи дека списокот, од петокот досега во меѓувреме дополнително се намалил, од 344 на 287 компании, па се поставува прашањето дали им било дозволено да платат и после сите можни пробиени рокови.

А ако се погледне листата, и за април и за мај со најголема добиена помош а што не исплатила плат е „Викториа инвест“, Елбасан, Албанија, која за април добила 638 илјади денари, а за мај 696 илјади денари. Потоа, на второ место за април е ТТ Консалтинг градба увоз извоз Струга, а за мај Тим Петрол увоз извоз Велешта Струга, и потоа следуваат сите компании кои добиле помали суми државни субвенции.

Превземено од Фактор.мк